Ејми Диксон од Австралија, една од најдобрите саксофонистки на денешнината, двапати номинирана за престижната награда „Греми”, доаѓа во Скопје! На 9 март во Домот на АРМ во 20 часот, повеќепати наградуваната и харизматична Ејми Диксон, ќе настапи како солист на концертот „Алхемија” со оркестарот на Македонската филхармонија.

Првата саксофонистка и првата Австралијка што ја добила наградата Класик „Брит”, во Скопје за прв пат ќе го изведе Концертот за амплифицирана обоа и оркестар од современиот австралиски композитор Греам Коне – „Забава за време на лет”.

Мегапопуларната Ејми Диксон се фокусира на современата и филмската музика, и во нејзиниот репертоар се наоѓаат дела на врвните современи композитори како Филип Глас, Мајкл Најман, Мајкл Кејмен, Џон Вилијамс…

„Таа има индивидуален и необичен тон… нејзините фрази прекрасно завршуваат, нејзината контрола на динамиката е бескрајно суптилна”, напиша магазинот „Грамофон” за Ејми Диксон (1982). Таа, всушност, е и првата саксофонистка и првата Австралијка што ја добила наградата Класик „Брит”, откако го објави својот трет албум „Дуск анд Дањн”, кој беше на водечко место во Велика Британија. Таа настапува како солист ширум светот со врвни оркестри, во „Ројал Алберт хол”, во „Сиднеј опера хаус” или во „Концертхаус” во Виена, но и како камерен музичар
Концертот „Алхемија” ќе донесе музика со филмска магија, а се одржува во чест на празникот на жената 8 Март.

Диригент е врвниот маестро Кејс Скалионе, под чија палка оркестарот на Македонската филхармонија премиерно ќе го изведе делото „Четири парафрази за симфониски оркестар” од младата македонска композиторка Теа Богатинова, како и Симфонијата бр. 6 наречена „Пасторална” од музичкиот гениј Лудвиг ван Бетовен.

Скалионе, пак, постојано ги импресионира оркестрите од целиот свет со „сензитивни и внимателни изведби на музичките дела”, како што критиката ги опишува неговите настапи. Зад себе има импресивна кариера диригирајќи со значајни оркестри во светот. Посветен е и на музичката едукација и постојано одржува часови по диригирање на музичката академија „Џулијард”.