Долгометражниот игран филм „Улиште“ (анг. Hive), по сценарио и во режија на Блерта Башоли, копродукција меѓу Косово, Швајцарија, Северна Македонија и Албанија, со уште девет филмови од целиот свет, е селектиран во Главната интернационална натпреварувачка програма на 38. Филмски фестивал „Санденс“ што се одржува во Парк Сити, Јута, САД.

Овој фестивал, основан од страна на реномираниот актер Роберт Редфорд и во организација на „Санденс” институтот, е најголемиот фестивал на независен филм во светски рамки. 38. издание ќе се одржи во период од 28.01. до 03.02.2021 година.

„Улиште“ на „Црна Мачка Продукција“ се базира на вистинска приказна, претставувајќи го ликот на жената Фахрије, чиј сопруг исчезнува во војната во Косово. Додека трага по него, одлучува да започне мал земјоделски бизнис со цел да обезбеди егзистенција за своето семејство. Но за жал, во традиционалното и патријархално опкружување, нејзината амбиција за еманципација не е прифатена. Нејзиниот бизнис започнува да се развива, додека пчелите во нејзината кошница (улиште), се чини дека се хаотични и агресивни кон неа. Во своите обиди да најде мир со пчелите, Фахрије наоѓа мир со самата себеси.

Главната улога ја толкува Јилка Гаши, а меѓу актерите кои играат во филмот се: Чун Лајчи, Кумрије Хоџа, Аурита Агуши, Адријана Матоши, Астри Кабаши, и од Македонија – Адем Карага, Зарије Јонузи Челику и Шќелќим Ислами.

Блерта Башоли е млада режисерка родена во Косово. Дипломирала на Универзитетот во Њујорк, на отсекот за Филм и ТВ. Има режирано неколку кратки филмови за кои е и наградувана, а „Улиште“ е нејзиното дебитантско долгометражно остварување.

извор: Makfax