Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски, ја продолжува фестивалската турнеја со прикажување на уште четири европски и светски фестивали, ФЕСТ во Белград, Синеквест во САД, Фантаспорто во Португалија и Софија.

По светската премиера на „Врба“ на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година и по македонската премиера и киноприкажувањето, филмот беше дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј и Талин.

На престојниот 48. Меѓународен филмски фестивал ФЕСТ во Белград (од 28 февруари до 8 март), „Врба“ е во главната натпреварувачка програма, со првата проекција на 2 март, и уште две, на 3 и 4 март. Во историјата на ФЕСТ впишани се големи актерски и режисерки имиња, кои биле гости, како Марчело Мастројани, Харви Кајтел, Бернандо Бертолучи, Софија Лорен, Роберт Де Ниро, Милош Форман, Вим Вендерс, Џони Деп. Досега ФЕСТ имал преку 4 милиони гледачи и речиси 4.000 значајни филмски наслови, како од домашната и регионална продукција, така и од светската.

Од ФЕСТ, „Врба“ патува на 40. Меѓународен филмски фестивал Фантаспорто, во Порто Португалија, (од 28 февруари до 8 март),  каде филмот ќе биде прикажан на 6 март во програмата „Недела на режисери“.

Во март, „Врба“ ќе ја има и американската премиера, во натпреварувачката програма на Синеквест, еден од најстарите и најреномирани фестивали во САД (од 3 до 15 март) во Сан Хозе и Редвуд Сити, Калифорнија,

Исто така во март, „Врба“ ќе биде прикажан и на 24. Интернационален филмски фестивал во Софија.

 

извор: Makfax