Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека здравствениот систем се подготвува за лоши сценарија со многу пациенти наесен, но, се надева дека луѓето ќе бидат свесни и дека ќе се придржуваат до превентивните мерки. Наскоро, вели Филипче во интервју за МКД.МК, ќе го промовираат планот за дополнителни рестрикции во региони каде што има појава на поголем број пацинети или се потенцијален ризик. Според него, враќањето на полицискиот час може да биде една од мерките, како и затворање на училишта, на угостителски објекти и забрана за собири. Но, напоменува и дека за планот на рестрикции е битен и регионалниот пристап.

Во однос на подготовката на 16 ковид-центри и монтажни болници за работа од наесен, Филипче вели дека тие ќе бидат дел од постојаните болници, за да може кадарот да ги менаџира.

И клиниките и болниците имаат план кој од нивните експерти ќе ги менаџира тие мобилни болници, а целта е ковид-пациентите физички целосно да се одвојат од останатите. Мислам дека тоа е еден одличен систем, смета Филипче.

Министерот Филипче наполенува дека мора да се биде внимателен со децата, бидејќи полошо сценарио значи и поголем број пациенти и од сезонски грип, кои ги окупираат истите одделенија на кои сега лежат пациенти со ковид.

На прашањето за организирањето настава од септември, министерот смета дека предлогот на Комисијата за заразни болести е сосема солиден – до трето одделение со физичко присуство, а другите да бидат со онлајн-настава. Но, ако има родители кои не се согласуваат, треба да постои и онлајн модел.

Нашите препораки се темелат на епидемиолошките сознанија, а МОН треба да одговори за другите предизвици, вели Филипче.

Во услови кога се испитуваат десетици вакцини против ковид-19, министерот смета дека е оптимистичко сценарио на светот да му биде достапна вакцина на почетокот на 2021 година. Во однос руската вакцина, рече дека нема многу сознанија, а домашните експерти истражувале.