Формула 1 тимот на Ферари ќе го отпушти Фелипе Маса за да го земе Раиконен, пишува австрискиот “Кронен Цајтунг”. Веста дека финскиот пилот Кими Раиконен ќе премине во Ферари од следната сезона ќе биде објавена официјално пред неделната трка за Големата награда на Сан Марино на Имола.
“Во 2007 година Раиконен со сигурност ќе вози за Ферари”, пишува весникот. Исто така, се тврди дека договорот е веќе потпишан. Кими ќе вози за Ферари независно дали Михаел Шумахер ќе реши да потпише нов договор со скудеријата. Според “Кронен Цајтунг”, најверојатно, Шумахер ќе реши да се натпреварува уште една сезона и ќе вози заедно со Раиконен.
Тоа значи дека Бразилецот Филипе Маса веќе треба да си бара нов тим. Во Меѓувреме трикратниот светски првак Ники Лауда изјави дека очекува Ферари да го продолжи договорот на Шуми по неговата победа или, пак, добро возење на некоја од претстојните трки во Формула 1. Ако го направат тоа по некој неуспех, според Лауда постои голем ризик Михаел да откаже.
“Веројатно Ферари сосема брзо ќе се поизнесе во врска со шпекулациите околу имињата на Раиконен и Шумахер, бидејќи во спротивно медиумската хистерија ќе стане неиздржлива”, вели Лауда.