ФЕНИ, “Силмак” и “Бучим”- крепат половина држава
Македонската металургија со рестартот на големите преработувачки капацитет, како што се ФЕНИ, Силмак, Бучим и останатите доживува ренесанса. Некогашните социјалистички најголеми загубари и промашени инвестиции со влез на странски капитал покажаа дека можат да работат и да обезбедат во овој момент 40% од бруто-националниот доход на Република Македонија. Ова го изјави Александар Димитриевски, проф. на Металуршко-технолошкиот факултет во Скопје, по повод Денот на металурзите, 6 мај (Ѓурѓовден) македонското Здружение на металурзи кој се одбележа во Кавадарци во петокот навечер во комбинатот за преработка на феро-никел “Фени Индустри”. Директорот на “Фени Индустри”, Константинос Даскалакис, пред колегите металурзи зборуваше за големите успеси на комбинатот, пред се во рекордното производство што се бележи во овие три месеци. Според него, успешноста на Фени ќе биде поголема во наредниот период, бидејќи се очекува рестарт на втората технолошка линија, а со постојната рекордите секојдневно се уриваат. Металурзите и другиот стручен кадар во комбинатот направија големи подобрувања во технолошкиот процес од исто количество руда и процент на застапеност на металот, тие добиваат поголема концентрација на никел во финалниот производ. Според Даскалакис тоа е резултат на подобрен процес со заштеда на електрична енергија, заштеда на технолошка вода и зголемени перформанси на постројките. Овој начин нов пристап во технологијата на работата на “Фени Индустри” според него доведува не само до заштеда на средства и подобрување на квалитетот на производот, туку и до големи подобрувања во екологијата и заштита на животната средина. Јадранка Иванова, раководител на Секторот за регулатива при Министерството за екологија ги запозна металурзите со новниот закон за животна средина, конкретно во главите 13 и 14 кои се однесуваат на интегрираните еколошки дозволи за работење на металуршките капацитети кои имаат влијание врз животната средина и за дозволи за усогласување со оперативните планови. Оливие Дезеведави говореше за заштита на животната средина во “Фени индустри” . (Д.М.)
Стипендии за металуршки кадри
Сојузот на металурзите на Македонија, Металуршкиот факулет од Скојпе како иницијатор и рестартираните македонски металуршки капацитети, предводени од ФЕНИ и Силмак основаа фонд за стипендирање на млади кадри од областа на металургијата. Стипендирањето ќе започне од идната учебна година, а со овој потег македонските капацитети од металургијата и највисоката научна институција, Металуршкиот факултет се надеваат дека ќе се помогне при создавањето на квалитетни кадри од металургијата, кои ќе бидат од голема корист за оваа индустриска гранка во нашата земја.