Најдобрите фудбалери на Македонија годинава квалификациите за Светското првенство во 2014 година во Бразил ги почнуваат со двомечот против репрезентацијата на Белгија, кој по 4. коло во нашата Прва група е лидер заедно со Хрватска со по 10 бода. Првата пресметка со Белгијците е на 22 март во Скопје (20.45 ч.), а четири дена подоцна е реваншот во Брисел.

За љубителите на фудбалот во Македонија овој дуел ќе биде вистинска фудбалска претстава, зашто освен желбите за продолжување на успешната серија на избраниците на Чеде Јаневски ќе имаат можност да видат и многу ѕвезди на европскиот, па и светскиот фудбал. Белгија во своите редови ги има Еден Азар, Аксел Витсел, Ромелу Лукаку, Томас Вермален, Јан Вертонген, Винсент Компани, како и Маруан Фелаини.

Токму плејмејкерот на Евертон ќе биде една од атракциите на “Филип Втори”. Фелаини е висок 194 сантиметри, а неговата афро фризура го прави уште повпечатлив на теренот и во јавноста, но и често се наоѓа на мета на судиите, а понекогаш и навивачите. Тој за “Сан” призна дека кога би се истрижал би имал помалку проблеми во животот.

– Првата сезона во Евертон добив 12 жолти картони. На крајот судиска делегација дојде во посета на клубот за да ја објасни причината. И на крајот признаа дека неколку картони се додели престрого. Нема сомневање дека мојата фризура влијае на тоа. Не можам да поминам незабележано, вели Белгиецот со мароканско потекло.
Фелаини истакнува дека му е посебно мило што навивачите на Евертон носат перики во негова чест.

Маррун Фелаини со неговата фризура ќе биде во центарот на вниманието на многу навивачи и на “Филип Втори”, бидејќи Фудбалската федерација на Македонија ги одреди цените за билетите на натпреварот со Белгија, што наскоро треба да бидат пуштени во продажба. Интересно е што повеќето од половина од капацитетот на стадионот – вкупно 15.672 билети ќе бидат по популарна цена од 200 денари.

Цената за вкупно 6.730 билети за дел од северната и јужната трибина изнесува по 400 денари, а најскапите 6.616 билети ќе се продаваат по 600 денари за централните делови на северната и јужната трибина.

Македонските репрезентативци против Белгија ќе ги промовираат и своите нови дресови, посебно дизајнирани на кои ќе доминира апликација на рисот. Наместо во црвено-жолти отсега Македонија ќе настапува во црвени дресови на натпреварите како домаќини, а со бели на гости.