Министерството за здравство бара Фондот за здравствено осигурување и сопственикот на приватизираните аптеки од Кочани, Кавадарци и Неготино (”Фарма корп”) под итно да ги регулираат своите меѓусебни односи за да не доаѓа до застој во снабдувањето со лекови од позитивната листа, во спротивно ќе преземе санкции. “Граѓаните од овие градови се жалат дека во поранешните аптеки од јавното здравство кои сега се приватизирани, новите сопственици не дозволуваат продажба на лекови од позитивната листа иако согласно законските одредби по кои се направи приватизацијата тие се должни да го прават тоа. Сопствениците, пак, тврдат дека немаат договори со ФЗО и оти поради тоа не работат со лекови од позитивната листа. Затоа бараме да се решат овие недоразбирања бидејќи Министерството за здравство нема да толерира недостиг на лекови”, рече на денешната прес-конференција директорот на Бирото за лекови при Министерството за здравство Ромил Санџаковски, укажувајќи дека ако со сопствениците на овие апатеки не може да се најде решение, Фондот може да ги пренасочи бесплатните лекови кон други аптеки во овој регион. (Р.Н.)