“Немам никаква кривична пријава ниту некој ме тужи, но ние ги тужиме М6 иако некои документи ги антидатирав, но со знаење на инвеститорот”. Ова вчера на прес-конференција го изјави Антонио Коцевски, поранешен директор на ВВ “Тиквеш” одговорајќи на новинарско прашање дали е вистина дека има тужба од “Тиквеш” против него за фалсификување документи, антидатирање и изнесување на правни документи од винаријата во која порано бил вработен. Тој одрече дека добил амнестија за ваквите дела од некого конкретно, иако бил сослушан во полиција, но никој до ден-денес не поднел тужба за активностите кои ги презел и кои од порано отворено кажал дека ги направил. Наш став е, рече Коцевски дека Свето Јаневски треба да си оди од “Тиквеш” вака или онака. Притоа, постојат три начини да си замине од Визбата: Да си ги продаде акциите, Комисијата за хартии од вредност да му ја поништи приватизацијата или да оди во стечај, сугерираше Коцевски.
Образлагајќи го целиот случај на преземањето на “Тиквеш” од страна на групацијата М6, Коцевски и неколкуте поранешни менаџери на кавадаречката визба, рекоа дека тие порано биле успешна фирма, а откако конкретно неговиот менаџерски тим ја презел визбата во 1997 година, ги расчистиле сите долгови, цело време работеле профитабилно. За долговите, пак, од 500 милиони денари кон државата, односно кон Агенцијата за санација на банка немале доволно пари да ги расчистат, иако од претходно имало два договори со АСБ за дисконтна продажба на денарските и девизните побарувања од 65 и 70 отсто. Тие очекувале нив да ги платат новите инвеститори М6. За нив, вели Коцевски од М6 беа префрлени првични 160 илјади евра, но не и натамошните рати, поради што тие договори се раскинати (за што имале и писмо од сегашната директорка Дафина Хаџи Васкова) и ништовни. На прашањето пак, дали тоа значи дека сегашниот министер за финансии побарува од “Тиквеш” пари во номинален износ (врз основа на договорот за кеш плаќање), односно врз основа на веќе неважечки договори, Коцевски рече дека не сака да коментира ништо околу тоа што прави сега министерот за финансии Поповски.
Околу информациите дека тие сакаат да донесат нов стратешки инвеститор во “Тиквеш”, извесен Момо Раиќ, бизнисмен од Србија кој поседувал три пиварници и кој ги пикира и Македонска банка и ОТЕКС, екс-правникот на “Тиквеш” рече дека не чул за него. Инаку, Коцевски призна дека по “Тиквеш” отишол да работи во конкурентската винарска куќа “Повардарие” од Неготино.
“Таму доскоро работев два месеца, рече тој, но не бев јас за таму, и си се вратив во Кавадарци” Според старите директори во “Тиквеш” винаријата има сега единствен проблем што им паднала продажбата за над 60 отсто, поради слабиот маркетинг, а и грозјето го откупуваат по пониска цена од ветената, односно наместо за 9, за 4 денари за килограм. Пресудниот момент, за Коцевски да ја растури соработката со М6 и да излезе од “Тиквеш” било кога од него било побарано од актуелниот менаџмент да го намали бројот на вработени во Визбата.


Поповски: Рано е за стечај на “Тиквеш”?! На новинарско прашање дали ќе побара стечај за “Тиквеш”, министерот Поповски вчера со краток одговор: “Рано е да се одговара на ова прашање!”


Виолета ЦВЕТКОВСКА