x

У-21: Ставивме “печат“ на второто место во групата, совладана Црна Гора со 2:1…

izvestaj-mladi

Убава претстава на нашата У-21 репрезентација и победа над Црна Гора од 2:1 во последниот натпревар од квалификациите за ЕВРО 2021. Со овие три бода ставивме “печат“ на тоа второ место во групата, веднаш зад силната Шпанија.

Стрелци на головите за “ослабената“ Македонија беа Марко Ѓорѓиевски во 13. минута и Бојан Миовски во 78. и тоа од пенал.Голот за гостите беше дело на Крстовиќ во 86.минута. Покажуваме дека има голем потенцијал во овие момци.

По првичното вообичаено испитување на силите, нашите надежи во 9.минута преку Атанасов можеа да поведат, но неговиот удар заврши во рацете на Ивезиќ. Затоа во 13.минута Марко Ѓорѓиевски, по една добра акција претходно, од десет метри стрелаше за наше водство од 1:0. До крајот на првиот дел Македонија можеше и требаше да дојде до 2:0, сепак не успеа во тоа. Шанси имаа Миовски, кога шутираше со глава и Ѓорѓиевски, но и двајцата немаа среќа во завршницата од акциите. Добра игра на нашите момци во тие први 45 минути.

МИОВСКИ СТРЕЛА ЗА 2:0 ОД ПЕНАЛ

Ако ние доминиравме во првиот дел, тогаш вториот дел гостите подобро го отворија. Имаа неколку добри акции пред нашиот шеснаесетник. Во тие моменти селекторот Милевски направи неколку измени, со цел да не падне нашето темпо. Следуват минути со многу борба на средината од теренот. Немаше којзнае какви моменти кои вреди да се одбележат. Важно е што Македонија има водство. Во таа 74.минута постигнавме гол преку Ацковски, но тој беше поништен поради офсајд ситуација. Штета.

Затоа во 78.минута поведовме со 2:0 и тоа од пенал преку Миовски. Претходно Милиќ го сруши Стојанов во казнетиот простор на гостите.Сепак тоа не беше се, Н. Крстовиќ успеа да постигне гол за намалување на водството на неколку минути до крајотна средбата. Во 93 минута имавме ситуација 3 на 1, но Миовски не погоди.

КВАЛИФИКАЦИИ У-21 ЗА ЕВРО 2021

МАКЕДОНИЈА – ЦРНА ГОРА 2:1 (1:0)

Стадион на ФФМ во Скопје. Гледачи:/. Судија: Кристофер Јагер (АВС). Стрелци: Ѓорѓиевски 13., Миовски (п) 78. (МАК), Н. Крстовиќ 86. (Ц. ГОР) . Ж. Картони: Шеји. Тодороски, Стојменовски, Фазлагиќ (МАК), Н. Крстовиќ, Б. Милиќ, Обрадовиќ (Ц.ГОР).

МАКЕДОНИЈА: Јанков, Тодороски, Серафимов, Стојменовски, Шеји (46. Антовски), Ацковски, Здравковски (55. Елези), Атанасов (55. Фазлагиќ), Миовски, Ѓорѓиевски (86. Илиевски), Трапановски (55. Стојанов).

ЦРНА ГОРА: Ивезиќ, Б. Милиќ, С. Милиќ, Обрадовиќ, Рогановиќ (70. Мрваљевиќ), Ламбулиќ (70. Брновиќ), С. Крстовиќ (87. Матановиќ), Бојовиќ, Ракоњац (46. Вукотиќ), Латковиќ (46. Песукиќ), Н. Крстовиќ

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата