Управата за јавни приходи информира дека денеска се заокружува второто тримесечје од МојДДВ, мерка која се спроведува според Законот за враќање на дел од ДДВ кај физичките лица.

„Од почетокот на второто тримесечје кое стартуваше во октомври, заклучно со 30.12.2019 година скенирани се 28,948,878 фискални сметки, остварен е промет од 14,301,474,854 денари, вкупениот ДДВ изнесува 1,554,510,671 денари, а повратот од 15 отсто е во износ од 233,176,601 денари или 3,791,000 ЕУР“ соопшти УЈП.

Како што се наведува, исплатата за второто тримесечје ќе стартува во февруари 2020 година.

За првото тримесечје од МојДДВ, за коешто исплатата започна во декември 2019 година, исплатен е поврат кај 144,601 граѓани кои во апликацијата МојДДВ внеле валидни трансакциски сметки, во износ од 155,244,780.00 денари.

За граѓаните кои во апликацијата МојДДВ внеле погрешна трансакциска сметка и направиле корекција, исплатата ќе се случи во понатамошниот период. Од УЈП апелираат до корисниците кои не внеле трансакциска сметка, тоа да го направат, по што ќе следува исплатата на повратот.

извор: Makfax