Преостанаа уште 48 часа до фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Англија, во рамките од второто коло на квалификациите за наредното европско првенство во Австрија и Швајцарија. За македонската селекција денеска завршуват подготовките во Охрид, каде цела недела селекторот Сречко Катанец ја уигруваше тактиката, со која ќе треба да се неутрализираат англиските супер ѕвезди, кои во земјава ќе допатуваат утре. Според информациите од таборот на нашиот национален тим, подготовките минале во најдобар можен ред, нивото на формата е во нагорна линија и меѓу репрезентативците владее одлична атмосфера. Селеторот Катанец повикува на национално единство пред почетокот на натпреварот и особено за време на мечот, во кој поддршката од публиката може да биде решавачка. – Никој не смее да ги исвиркува македонските фудбалери. Кога некој греши, тоа не го прави намерно и неоправдано е ако на домашен терен добие свирежи, со овие зборови Словенецот Катанец, се обидува да внесе позитивна енергија. Се е во ред со повредата на Горан Пандев, а нема никави новости за евентуалните проблеми со здравјето на останатите фудбалери, по што составот за Англија, ќе биде најсилниот. Инаку, од синоќа во продажба се пуштени и билетите. За третиот и четвртиот блок на јужната трибина цената на влезницата е 2000 денари, додека за вториот и петтиот е 1500. Влезот на последните два блока чини 1200 денари. Билетите за западната и источната трибина се 500 денари. (С.И.)