Управата за хидрометеоролошки работи го објави јавниот оглас за „Услуги за модификација на време со авионско засејување“. Се работи за нов систем за заштита од временски непогоди којшто предвидува контрола на климатските услови преку авионски начин на засејување на облаците, со којшто се постигнува поквалитетна и порационална заштита на земјоделските посеви од град.

Проценетата вредност на јавната набавка за услугата без ДДВ е 50.847.458 денари. За оваа намена преку Програмата за рурален развој на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се обезбедени 60 милиони денари со вклучен ДДВ.

За реализација на услугата економскиот оператор треба да располага најмалку со два авиони кои треба да бидат двомоторни и да ги исполнуваат меѓународните стандарди за летање во специфични временски услови, да поседува соодветни дозволи и лиценци за ваков тип на услуги и други потребни услови согласно спецификацијата на јавната набавка.

Заштитата од град со авионско засејување ќе се спроведува на целата територија на Република Северна Македонија. Рокот за доставување на понуди е до 20 февруари годинава.

Од Министерството за земјоделство појаснуваат дека се работи за нов систем за заштита од временски непогоди којшто предвидува контрола на климатските услови преку авионски начин на засејување на облаците, со којшто се постигнува поквалитетна и порационална заштита на земјоделските посеви од град.

Материјалот за засејување на градоносните облаци е сребро јодид (AgJ), кој се внесува во облакот во форма на вештачки кондензациски јадра од ледени кристали. Засејувањето со вештачки јадра на сребро јодид се извршува со специјално опремени авиони и процедури на засејување во зависност од метеоролошките услови.

„Од сите досегашни анализи, авионското засејување на облаците наспроти останатите механизми, се има покажано како најефикасна превенција. Земјите од регионот како Грција, Бугарија и Словенија веќе го користат овој систем и имаат позитивни резултати. Овој начин е неколкукратно поекономичен од старите ракетни системи, најмногу поради фактот што преку авионското засејување, растворот кој делува превентивно на формирање на град се нанесува директно на критичната облачна маса, додека со ракетните системи функцијата се врши од копно и непрецизноста го прави неефикасен ракетниот систем“, соопштија од МЗШВ.

извор: Makfax