Новиот состав на Комисијата за хартии од вредност (КХВ) ја одржа првата конститутивна седница. Нов претседател на Комисијата е Елизабета Чингаровска, а членови се Милаим Ајдини, Михаил Петковски, Александар Стојков и Сејдија Фазлиоски. Чингаровска и Ајдини се професионално ангажирани, а останатите тројца функцијата ќе ја извршуваат како надворешни комисионери.

Комисијата ги утврди главните приоритети за работењето во текот на 2013 година.
– КХВ ќе продолжи активно да ја извршува својата функција на супервизорски и регулаторен орган на пазарот на хартии од вредност, како од аспект на унапредување на регулативата, така и од аспект на контрола на сите учесници во работењето со долгорочни хартии од вредност во земјава, ќе продолжи да ја промовира транспарентноста како модел на работење и да го усовршува системот на комуникација со јавноста и со учесниците на пазарот на хартии од вредност, засилено ќе се посвети на едукација на издавачите на хартии од вредност и на потенцијалните инвеститори, што е во корелација со реализирање на краткорочните и на долгорочните цели на КХВ – велат од Комисијата.

Од Комисијата сметаат дека преку едукацијата на пошироката јавност за правилно инвестирање на средствата се очекува да се придонесе за стабилност на финансискиот систем и да се помогне да се ублажат негативните последици од глобалните финансиски кризи врз македонскиот пазар на хартии од вредност.
– Едуцираните инвеститори со знаења од областа на пазарот на хартии од вредност може да придонесат за дополнителна ликвидност на пазарот, кој претставува еден од начините за финансирање на акционерските друштва – истакнуваат од КХВ.