Македонија од американската агенција за меѓународен развој УСАИД доби позитивни оценки за состојбите во финансискиот сектор. Новиот Закон за хартии од вредност со кој ќе се овозможи заштита на домашните и странските инвеститори, вториот пензиски столб , како и унапреден процес на добивање на сертификати за ревизија, се само дел од чекорите што се направени во оваа сфера преку проектот финансиран од оваа Агенција.
“Овие резултати ќе придонесат зголемување на довербата на домашните и странските инвеститори во македонските финансиски системи. Многу врати ќе се отворат за Македонија во нејзините напори да го зголеми бројот на странските инвестици” вели Алфред Бруер, заменик на директорот на УСАИД.
Од август 2002 година Проектот работеше во областа на правната регулатива, за добивање сертификати за ревизија и стандардите за обука, како и на поврзување на сите финансиски сектори, за воспоставување на поефикасен систем кој е стабилен, конкурентен и усогласен со меѓународните стандарди.
“Во последните три години структурата и начинот на работење на македонскиот финансиски систем драстично се подобрија. Нашето задоволство е големо поради тоа што бевме дел од бројните и значајни реформи, кои се спроведоа во овој период, и очекуваме понатамошни успеси на Македонија во оваа област”, изјави Роберт Синглтери, раководител на Проектот. Инаку, САД преку УСАИД, инвестираа над 400 милиони американски долари во Македонија од почетокот на 1993 година. Повеќе од 30 проекти, вредни над 35 милиони американски долари на годишно ниво, се имплементираат во моментов.


Весна М. БОЖИНОВСКА