Ураганот Доријан, кој е ослабнат, но поголем, синоќа стигна во близина на источниот брег на централна Флорида, и доби на брзина откако два дена ги пустошеше Бахамите каде загинаа најмалку седум лица, а предизвикани се и катастрофални штети.

Доријан стана ураган од втора категорија, затоа што неговите најсилни ветрови опаднаа на брзина од 175 километри на час, соопшти Националниот центар за урагани со седиште во Мајами (НХЦ). Сепак невремето порасна во големина, така што ветровите се проширирени на околу 95 километри од средиштето на ураганот.

Бурата вчера претпладне го смени правецот што значи дека Флорида најверојатно ќе биде поштедена од директен удар, стои во прогнозата на НХЦ.

На Бахамите досега загинаа најмалку седум лица, а повеќе од 13.000 куќи се сериозно оштетени или уништени од ураганот, соопштија локалните власти.

Премиерот на Бахамите, Хуберт Минис, синоќа на прес-конференција изјави дека бројот на загинатите се зголемил од пет на седум лица откако двајца од 25-те луѓе кои беа пренесени на островот Њу Провиденс, починале.

извор: Makfax