Во последните неколку недели Унгарците сè повеќе се обидуваат да се вооружат за заштита, плашејќи се од можен хаос ако се појави сериозен недостиг на храна поради пандемијата на коронавирус.

Младиот Унгарец Петер Ростас, татко на едно дете, не сака да има причина да го употреби пиштолот што го купил, но не сака да ризикува со епидемијата на коронавирус, бидејќи се плаши дека таа може да го предизвика најлошото кај некои луѓе, пишува хрватски „Индекс“.

„Тоа е претпазливост“, вели 33-годишниот Ростас, додека стои во редот пред малата продавница во Будимпешта што продава оружје за кое не е потребна лиценца.

„Претпочитам да се смеам на сето ова подоцна отколку да се најдам во конфликтна ситуација каде што имам само метла“.

Ростас стравува дека недостигот на храна може да доведе до насилство, иако унгарската влада инсистира дека тоа нема да се случи.

Контролата на оружјето е строга во Источна Европа, како и на остатокот од континентот, но побарувачката за малокалибарско оружје се зголемува и на други места во регионот, како резултат на зголемената вознемиреност поради коронавирусот.

Во Чешка и во Унгарија 300.000 луѓе имаат дозвола за оружје, а двете земји имаат по околу 10 милиони жители. За некои видови лесно оружје не е потребна дозвола.

 

извор: Makfax