Унгарија се стекна со доволно искуство во вселенската индустрија во текот на изминатите години за да биде во позиција да стане клучен играч во овој сектор, рече во вторникот Петер Сијарто, министер за надворешни работи и трговија.

Говорејќи за МТИ по посетата на вселенската агенција на Франција во Тулуз, Сијарто рече дека има неколку унгарски компании кои учествуваат во големи меѓународни развојни и технолошки проекти, пренесе HungaryToday

Франција е водечка земја во овој сектор, рече Сијарто, истакнувајќи дека Националниот центар на земјата за проучувања во вселената (ЦНЕС) е втората најголема национална вселенска агенција во светот по НАСА. Франција, исто така, учествува во 40% од вселенската индустрија во Европа, додаде тој.

Сијарто изјави дека Унгарија потпишала договор за соработка со француската вселенска агенција, според кој двете земји ќе спроведуваат заедничка сателитска технологија, наука и проекти за вселенски истражувања. Како дел од договорот, на младите унгарски експерти ќе им се даде шанса да учествуваат во проектите спроведени на ЦНЕС и да ги прошират своите знаења, рече тој.

Министерот ова го нарече „огромен успех“ за Унгарија, затоа што најголемите француски фирми за развивање сателити вклучија две унгарски компании во дизајнирање опрема за внатрешни работи и снабдување на изолационите материјали за нивните сателити.

– Ова е огромно признание и демонстрира дека случајно не ја направивме вселенската индустрија еден од приоритетните сектори кога станува збор за обезбедување на идната економска конкурентност на Унгарија, рече Сијарто.

За крај Сијарто  истакна дека Унгарија сака да испрати астронаут во Меѓународната вселенска станица до 2025 година.