Друштвото на писателите на Македонија на подарок доби уметничка слика – портрет со ликот на поетесата Даница Ручигај, дело на ликовниот уметник Ставре Димитровски Стадим. Сликата е донација од Златица Поповиќ, сестра на поетесата Ручигај, која загинала во скопскиот земјотрес во 30-тата година од животот, а по повод 70-годишниот јубилеј на ДПМ.

– Портретот на Даница Ручигај станува составен дел на богатата збирка на ДПМ, од 112 уметнички слики и скулптури, со ликовите на Св. Климент Охридски, Браќата Миладиновци, Крсте Петков Мисирков, Никола Вапцаров, Кочо Рацин, како и на низа претставници на современата македонска литература, меѓу кои: Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Живко Чинго, Симон Дракул, Владо Малески, Коле Чашуле, Стале Попов, Ванчо Николески, Томе Арсовски и Димитар Митрев, информира ДПМ за својата збирка на портрети изработени од познати ликовни уметници.

Даница Ручигај е родена во 1934 година во Скопје, а животот трагично и завршува во земјотресот од 1963 година. Автор е на поетските книги „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот”.