Украинскиот парламент денеска треба да го разгледа барањето на претседателот Петро Порошенко за воведување на вонредна состојба.

Претходно министерството за одбрана на Украина соопшти дека војската е во состојба на највисока борбена готовност, по одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина за воведување воена состојба во земјата, пренесува „Спутник“.

Претседателот на Украина, од друга страна пак, побара од Русија веднаш да ги ослободи украинските морнари и бродови кои беа запленети во Црното Море.

Тензиите меѓу Русија и Украина се засилија по ситуацијата во Азовското Море. Бродови на руската крајбрежна стража запленија три воени украински брода во Црното Море кај Крим, кои се обиделе да преминат низ теснецот Керч. Руската страна употребила оружје за да ги принуди да запрат, а во инцидентот се ранети тројца украински војници, наведе Федералната служба за безбедност на Русија.

Украинската воена морнарица соопшти претходно дека испратила два мали алртилериски брода и еден брод што се користи за влечење на други пловни објекти од Одеса кон Мариопуљ, за што е потребно да се помине низ Црното Море околу Крим низ теснецот Керч во Азовското Море.

Москва соопшти и дека над теснецот патролираат авиони Су-25. Поради ваквата состојба, Русија закажа вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за 11 часот по локално време.

извор: Makfax