x

УЕФА со истрага против Лацио за фарса со КОВИД-19 тестовите

lacio-1

Лацио е под истрага на УЕФА поради сомнеж за измама откако тројца фудбалери позитивни на КОВИД-19 пред мечот од Лигата на шампионите против Зенит. Лацио може да биде гонет и кривично поради ширење на вирусот, изложување во опасност други фудбалери, тренери и лица инволвирани во фудбалот.

Според „Газета дело спорт“ истрагата е почната во средата откако Имобиле, Лукас Леива и Стракоша имале позитивни тестови на 27 октомври, а негативни пред мечот со Торино на 1 ноември, а потоа повторно позитивни пред натпреварот со Зенит во Русија во рамките на ЛШ во средата.

Во петок, докторот на Лацио Иво Пулчини објави дека во петокот сите играчи биле негативни на тестовите за мечот со Јувентус во Серија А, за потоа Имобиле, Леива и Стракоша да бидат тестирани во друга лабораторија и таму биле позитивни.

Тројцата нема да бидат достапни за натпреварот со Јувентус, а се под истрагата на УЕФА поради непримерно однесување и непридржување на протоколите за безбедност. Ако биде докажано фудбалерите ќе бидат казнети, а Лацио може да биде казнет со одземање на поени, па дури во најлош случај исклучување од ЛШ.

А овој случај ги натера челниците во Серија А да го изменат протоколот, односно тестовите на коронавирус да бидат правени во иста лабораторија.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата