x

УЕФА потврди: На лето почнува новата Конференциска лига, Македонија со три претставника!

konferenciska-liga-novo

Она што се најавуваше подолго време, од вчера е и официјално. Имено УЕФА потврди дека од лето 2021 стартува новото, трето по ранг европско натпреварување, во кое Македонија ќе има три претставника. А тоа се освојувачот на Купот и втората и третата екипа од шампионатот. Всушност тие порано што се натпреваруваа во Лигата на Европа, сега ќе играат во Конференциската лига во која ќе се натпреваруваат во квалификациите екипи кои доаѓаат од земји кои се под 15-тото место според ранкингот на УЕФА. За ова натпреварување и буџетот е помал, па тоа значи дека нашите клубови за едно квалификациско коло во Конференциската лига нема да земаат по 250.000 евра како порано во Лигата на Европа, туку помалку. За пласман во групната фаза ќе мора да минат три кола и плеј – оф.

Што се однесува до Лигата на Шампионите нема некои поголеми промени. И натаму нашиот шампион ќе игра во првата квалификациска рунда, и ако сака пласман во групната фаза што сега е научна фантастика за нас, ќе мора мине четири квалификациски рунди.

Интересно е тоа што ако нашиот претставник биде елиминиран на стартот во квалификациите во ЛШ, ќе го продолжи своето натпреварување во 2.квалификациско коло во Конференциската лига. Во случај пак ако го мине првото квалификациско коло во ЛШ и биде елиминиран во второто, тогаш ќе ги продолжи натпреварите во 3.квалификациско коло во Лигата на Европа.

Малку е замрсено, ама така е. Најважно е што за нашите клубови сега и Лигата на Европа е далечен сон. И ако сакаме нашите три клуба место во Конференциската лига да играат во Лигата на Европа како досега, тогаш Македонија мора да се најде најмалку на 15-тото место во Европа, а не 39-то каде што сме сега.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата