Експертскиот тим на Бучковски подготвува мек “монетарен удар” врз банките и НБРМ. Станува збор за внесување на поголема сума евтини пари во државата, преку т.н. “евро-бондови” или еврообврзници кои ќе се понудат на меѓународниот пазар на хартии од вредност. Идејата е Македонија да побара од неколку европски, па дури и светски банки, со исклучително висок рејтнинг, да издадат во нејзино име обврзници за околу 200 милиони долари. Нив ќе ги понудат првично на најпознатите берзи на хартии од вредност во Луксембург и Лондон, иако, според владините експерти истите може да се понудат и на други пазари надвор од Европа. За тој износ нашата држава би се задолжила во странство на 20 или 30 години, а би ги гарантирала со девизни резерви или злато. Тие обврзници би ги купувале потенцијални инвеститори кои мислат да вложуваат во некои од профитабилните проекти во Македонија. Идејата е тие пари кои се многу поевтини и со помали камати (моментно цената на нашите обврзници гледано преку нашиот долг кој се продава со дисконт од 85 до 90 отсто) да направат конкуретски удар на цената на домашните пари кои ги нивелира Народната банка, преку есконтната стапка и комерцијалните банки во земјата. Експертскиот тим на Владата останал вчудоневиден од крутоста на финансискиот двоец Гошев-Поповски, околу спуштањето на каматните стапки (пред се есконтната на НБРМ) и безидејноста да се придвижи економскиот раст. Целиот капитал и сите пари во Македонија, велат владините експерти кои инсистираат на анонимност се во банките, наместо во стопанството. Ако некој странски инвеститор не праша каде е најисплатливо да се вложува во Македонија би му рекле: во банките или во благајнички записи. Македонија има 11 насто камата, наспроти 5-6 отсто во земјите на ЕУ или во Југоисточна Европа. Тоа е погубно за развојот и за стопанството. Спасот на Македонија е во стимулирање на потрошувачката, во вложување во инфраструктурата и јавните работи, велат владините експерти. Сетоа тоа ќе го направиме преку воведување на евтини пари од странство, преку зголемување на портфолиото на Банката за поддршка на развојот и активирање на малите и средни претпријатија.


Виолета ЦВЕТКОВСКА