Руските власти соопштија дека 18-годишниот студент Владислав Росљаков, што вчера попладне го изврши нападот во колеџот во Крим во кој и самиот студирал, имал дозвола за поседување оружје. Исто така, властите соопштија дека сите 20 жртви се убиени со огнено оружје.

Еден од очевидците рекол дека истрелите траеле најмалку 15 минути. Нападот бил проследен и со експлозија во зградата, според изјави на очевидци.

Рускиот истражен одбор, највисоко истражно тело во земјата, соопшти дека напаѓачот е снимен со надзорните камери како влегува во колеџот за технички науки во градот Керч и отвора оган кон учениците.

Шефот на регионалната кримска влада, Сергеј Аксионов, рекол дека напаѓачот кој бил ученик во четврта година делувал самостојно и дека после нападот се самоубил во библиотеката.

Соопштението за тоа дека сите жртви се убиени со огнено оружје следува по повеќето различни извештаи за тоа што точно се случило. Властите прво соопштија дека имало експлозија на гас, потоа дека експлодирала напарава во кантината на колеџот за време на ручекот и изразија сомнеж дека се работи за терористички напад.

Истражителите соопштија дека инцидентот ќе го третираат како масовно убиство, а не како терористички напад.

Рускиот претседател, Владимир Путин, кој е во посета на Египет, рече дека нападот е трагедија и упатил сочувство до семејствата на жртвите.

извор: Makfax