Во организација на АМСМ, во хотелот “Фламинго” во Гевгелија беше организиран балкански избор за убавина на возила што се сметаат за “олдтајмери”, но режијата беше на далеку повисоко ниво од она што досега сме навикнале да го гледаме на нашите манифестации.

Убавината навистина доминираше на овој “конкурс на елегантност”, а беше надополнета со специјално дизајнираните костуми за седумте манекенки од страна на дизајнерката Христијана Михаилева од Софија. Костумите биле наменски дизајнирани за секоја декада од 1920 наваму, со комплетни аксесоари за секој модел, а самите манекенки од бугарската агенција Експоуз биле избирани преку специјално организиран кастинг.

Што се однесува до самото натреварување, имаше 40 возила од четири балкански земји, при што доминираа нашите учесници со 24 олдтајмери, а речиси рамноправни беа грчките љубители на овие автомобили со 18 претставници. Скромно учество имаше од Бугарија и Србија, но, сепак, тие што беа привлекоа огромно внимание.

Така, на пример, претставникот од Србија со Мерцедес 190 СЛ од 1960 година беше најголем кандидат за наградата “најдобар во шоуто”, која се доделуваше од гласовите на самите учесници. Инаку, сите возила беа поделени во четири класи, првата за возила до 1950 година, а следните три класи за декадите што следуваа потоа, се до 1977 година, бидејќи беше поставен лимит до 30-годишна старост. Меѓу најинтересните експонати беа “генерациските” колеги на претходно споменатиот “мерцедес”, а тоа беа “јагуар ХК 150” од 1959 година и “бентли Р тајп” од 1954 година.

Додека четиричленото жири ги испитуваше возилата по критериуми за мотор, екстериер, ентериер и комплетна функционалност (од трепкачи до бришачи), 35 македонски сопственици на олдтајмери имаа конститутивен собир за формирање македонска федерација за историски возила, која понатаму треба да стане членка на меѓународната организација ФИВА. Учесниците беа запознаени со досегашните активности на АМСМ, како и со идеите за формирање клубови, но и со новиот закон кај нас кој предвидува возилата постари над 35 години да се сметаат за историски и да имаат поинакви регистерски таблички.