Двократниот олимписки победник од Австрија, Питер Сајзенбахер, по повеќегодишно бегство од австриското судство, уапсен е при обид нелегално да ја премине границата од Украина во Полска и им е екстрадиран на австриските власти, кои имаа издадено потерница за сексуално злоставување на малолетници.

Поранешниот австриски репрезентативец две и пол години бегаше од австриските судски власти.

На почетокот на неделата, со фалсификувана патна исправа тој се обидел да ја мине зелената граница меѓу Украина и Полска.

Со поддршка на Интерпол, Сајзенбахер е предаден на Австрија, каде веќе е сместен во истражен затвор.

Пред повеќе од две и пол години, тој требаше да се појави на судење во Виена за наводно сексуално злоставување на две малолетни девојчиња, на кои им бил тренер во раните 2000-ти.

Обвинет е за сексуална злоупотреба на 11-годишно девојче меѓу 1999 и 2002 година и 14-годишно девојче во 2004 година.

Во времето кога требало да му се суди, Сајзенбахер бил во Украина, каде се скрил од австриските власти.

Сајзенбахер стана првиот џудист кој освои златни медали на последователни Олимписки игри, во Лос Анџелес во 1984 година и Сеул во 1988 година.

Тој беше тренер на Грузија на Олимписките игри во Лондон, кога Лаша Шавдатуaшвили го освои златниот медал во категоријата до 66 килограми.

извор: Makfax