Тројца членови на курдската Партија за демократско општество (ПДО) се уапсени во Југоисточна Турција под обвинение за поттикнување на вооружен бунт за сепаратистички цели, пренесува МИА. Турската полиција завчера изврши претрес во канцелариите на Партијата во провинцијата Батман и откри документи од забранетата Курдска работничка партија (ПКК), како и портрети на лидерот Абдула Оџалан. По изјавата на адвокатите на Оџалан дека тој постепено е труен, заменик-претседателот на ПДО, Ајсел Туглук изјави оти Турција ќе се соочи со сериозни последици, ако се потврди дека курдскиот лидер е намерно труен. Тој апелираше до турските власти да ги испитаат наводите на адвокатите на Оџалан за негово труење во затворот во Имрали, каде тој отслужува доживотна затворска казна. Турското Министерство за правда наведе дека досега кај Оџалан не бил констатиран таков здравствен проблем.