Тутунски се “чисти” за полесна продажба
ПРИЛЕП.- Запленувањето од страна на Управата за јавни приходи на хотелот “Бренд” од Охрид, амбулантата во Прилеп, спортската сала, детската градинка, деловниот простор во бизнис-центарот и библиотеката, сопственост на Тутунски комбинат од Прилеп, како начин на наплата на поголемиот дел од долговите што овој комбинат ги има кон УЈП, всушност, е вистинскиот пат за излез од криза на прилепскиот “Монопол”, е еден од коментарите кои можат да се слушнат во градот.
Како што е познато, сите заинтересирани странски купувачи првин посакуваа “Тутунски” да го видат исчистен од долговите и без споменатите објекти, па потоа да преговараат за купување на прилепската златна кокошка. После ова, како што им порача премиерот Бучковски на прилепчани за време на локалните избори, може да се очекува градот повторно ќе стане центар на тутунското производство и преработките во Македонија.
Веста дека Управата, поради наплата на долговите, му се запленети споменатите објекти, беше прифатена со негодување во Прилеп. “Македонија табак” и државата му се должни на Прилеп 20 милиони евра, а не Прилеп некому, беше коментарот. Зашто познато е дека комбинатот западна во криза откако не му беа исплатени, а со знаење на државата, парите од продадените цигари и тутун.
Сепак за многумина, особено на оние од неколкуте тутунски здруженија во Прилеп, Кривогаштани и Долнени тоа веројатно е најцелисходното решение за финансиска стабилизација и добар старт за преговори за продажба на “Тутунски” – Прилеп. (А.Т.)