Владата во јуни ќе направи ребаланс на буџетот на Министерството за земјоделство за да се исплатат ветените стимулации за тутунарите, најави премиерот Владо Бучковски. Според него, Владата се одлучила на ваков чекор бидејќи собраните пари од продажбата на цигарите во април не се доволни за да се исплати првата рата за што се потребни 5,5 милиони евра. “До крајот на септември ќе биде исплатена следната рата кога ќе се направи и ребаланс на државниот буџет бидејќи извесно е дека ќе има прилив од дивидендата од Телеком, како и од неколку приватизации”, рече Бучковски. Тој, притоа, изрази загриженост за проблемот што му го кажале тутунопроизводителите од Кривогаштани, а тоа е што еден од најголемите откупувачи на тутун “Струмица табак”, има исплатено само 56 проценти од откупениот тутун. “Ќе се обидеме да извршиме притисок со закана дека ќе ја одземеме лиценцата ако не го исплати тутунот”, се закани Бучковски. Според него, оваа Влада направила најмногу за развој на аграрот. Бучковски призна дека имало проблеми со тутунарите, со лозарите и со млекарите. (Р.В.)