Турција соопшти дека Ерменија мора веднаш да ги прекине непријателствата против Азербејџан, што ќе го „фрли регионот во оган“ во услови на судири меѓу двајца соседи во отцепениот регион на Нагорно Карабах.

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар истакна дека најголемата пречка за мирот и стабилноста на Кавказ е непријателскиот став на Ерменија.

Акар рече дека оваа земја мора веднаш да го запре непријателството кон Азербејџан, што „ќе го фрли регионот во оган“. Тој ја осуди Ерменија за, како што тврди, провокации против Азербејџан.

Турскиот министер рече дека Анкара ќе го поддржи Баку „со сите средства“, пренесува Ројтерс.

Денес, Владата на Ерменија и претседателот на непризнатата Република Нагорно Карабах прогласија воена состојба и општа мобилизација поради ескалацијата на конфликтот во регионот.

Министерството за одбрана на Азербејџан објави соопштение во кое известува за интензивни конфликти за важни позиции во Нагорно Карабах по целата линија на фронтот.