Анкара ја повика Франција да се извини за наводната поморска расправија во Средоземното Море, тврдејќи дека Париз лажно ја обвинил Турција за спречување инспекција на товарен брод наменет за Либија, пренесува РТ.

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, го постави барањето денеска, нагласувајќи дека тврдењата на Франција за јунскиот настан не се вистинити.

„Франција треба да ни се извини“, рече тој на прес-конференција со својот германски колега, Хајко Мас.

Минатиот месец Франција тврдеше дека нејзината морнарица имала конфронтација со три турски воени бродови кои придружувале товарен брод осомничен за кршење на ембаргото за оружје за Либија. Францускиот брод беше дел од мисијата на НАТО за спроведување на мерките.

Според француските претставници на одбраната, бродот на француската воена морнарица бил „осветлен“ трипати од турскиот радар за таргетирање кога се обидел да му пристапи на товарниот брод. Франција го осуди инцидентот како агресивен и непријателски чин.

Париз го прекина учеството во меѓународната поморска мисија во средата.

Односите меѓу Франција и Турција се во стрмен пад во последните неколку недели бидејќи и двете држави меѓусебно се обвинуваат за кршење на ембаргото за оружје.

Францускиот претседател Емануел Макрон ја нарече улогата на Турција во Либија „криминална“, а Анкара тврди дека пристрасните Французи го игнорираат ембаргото со цел да се спротивстават на командантот Калифа Хафтар.

извор: Makfax