Четиричлена турска стопанска делегација предводена од нашиот амбасадор во Република Турција, Горан Тасковски, за неполна една година повторно дојде во Демир Хисар. Турските бизнисмени, како и нивниот претходник, пратеникот во Турското Собрание, Осман Ајдин, се интересираа за рудните резерви на општината. Поточно, за неискористените рудни резерви на поранешниот рудник за железна руда кај Сопотница – Жван.

На средбата што градоначалникот на Општина Демир Хисар, Љупчо Блажевски ја организира со магистер Јордан Манасиев, познат стручњак од областа на геологијата и долгогодишен раководител на рудникот, гостите од Турција детално беа запознати со резервите на неексплоатираните рудни наоѓалишта, експерските истражувања за квалитетот на видот на рудата и расположивата инфраструктура. Од средбата произлезе договор, многу скоро Турците да испратат свој стручен тим кој заедно со геологот Манасиев, детално ќе го разгледаат и проучат елаборатот од извршените геолошки истражувања за рудните резерви на овој басен кој е извршен и постои во архивите на стариот рудник, а во краен случај, изразија и подготвеност, по добивањето на потребните дозволи, да извршат посебни геолошки истражувања со ангажирање на сопствени стручни лица и соодветна специјална механизација за оваа намена.