Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и заменик- министерот Енвер Хусејин денеска присуствуваа на предавање на донацијата од страна на Турската агенција за соработка и координација –ТИКА наменета за Јавните установи за згрижување и воспитание на деца на ниво на држава.

„Почитувањето на протоколите во институциите, во случајов, Јавните установи за згрижување на деца, се многу значајни за поголема безбедност и заштита од вирусот. Секоја помош која доаѓа во услови на пандемија, е добредојдена. Во името на Министерството за труд и социјална политика изразувам благодарност до нашиот долгогодишен соработник Турската агенција за соработка и координација –ТИКА, за помошта која денес ја примаме, тоа се бесконтактните термометри и дезинфекциски средства за детските градинки во државава“, истакна министерката Шахпаска.

Турската агенција за соработка и координација –ТИКА, изминативе години со проектите кои ги реализира,помага онаму каде е најпотребно, најранливите категории на граѓани, децата, болните и сиромашните. Од почетокот на своите активности во Република Северна Македонија има реализирано околу 1.000 проекти.

извор: Makfax