По 14 години од првата изведба во Македонија, љубителите на операта повторно ќе имаат можност да ја проследат претставата “Турандот”, овојпат со нова авторска и солистичка екипа.

Најновата продукција на оваа опера во три чина, публиката ќе има можност премиерно да ја проследи на сцената на Македонската опера и балет на 25 март. “Турандот” е најпопуларно дело на италијанскиот композитор Џакомо Пучини.

Режисер, сценограф и костимограф е Италијанецот Џанкарло дел Монако, диригент е Џанлука Мартиненги, исто така од Италија, а главната улога ќе ја има Габриеле Мулен, сопран од Холандија.

“Обновената “Турандот” ќе биде спектакл со 200 луѓе на сцена. Се надевам дека вакви познати имиња ќе продолжиме да носиме во МОБ и дека секоја наредна продукција ќе биде како оваа#, истакна директорот на МОБ Игор Дурловски, кој во претставата ќе го игра Тимур.

Режисерот Џанкарло дел Монако кој е син на познатиот тенор Марио дел Монако, истакна дека е задоволен од соработката со екипата на МОБ и дека поканата доаѓа од неговиот пријател Дурловски со кого се познава 15-ина години.

“Турандот не е само трагичното сечење глави и смртта која ги води сите низ целиот процес на вљубување, одљубување и доаѓање на престол, туку маскираните учесници кои ќе се појават на сцената, ќе ја раскажат и веселата страна на животот – дека не е се така црно#, го објасни концептот на претставата Дел Монако.

Диригентот Мартиненги кој повеќепати соработувал со оркестарот на МОБ овојпат ќе се обиде, како што рече, да го извлече италијанскиот звук.

Габриеле Мулен, која ќе ја толкува насловната улога, пак додаде дека одговорноста во претставата не е само на главниот лик туку на сите солисти кои се појавуваат на сцената.

Во “Турандот” ќе настапат и Кристијан Бенедикт од Литванија (Калаф), Валерија Сепе од Италија (Лиу), а Пинг, Панг и Понг ќе бидат Кристијан Антовски, Дарко Нешовски и Дејан Стоев.