Тунис и Ангола се чуваа
Познати се имињата на сите репрезентации кои ќе бидат дел од 1/4 финалната фаза на 26. Куп на африкански нации. Пласман во полуфиналето ќе обезбедат победниците од дуелите: Гана – Нигерија, БСК – Гвинеја, Египет – Ангола и Тунис – Камерун.
Како и што се очекуваше, без победник и без погодоци заврши дербито во Групата “Д”, помеѓу селекциите на Тунис и Ангола. По натпреварот капитенот на Тунис, Радхи Жаиди, изјави дека се смешни коментарите оти двете екипи претходно се имаат договорено нивниот дуел да заврши без побденик.
– Како можат да кажат такво нешто. Ние со гордост го носиме дресот на нашата земја. Одигравме колку што требаше. Игравме претпазливо и си ги чувавме силите за следната фаза. Нема место за одмор. Мораме веднаш да почнеме со подготовките за следниот натпревар. Ќе биде навистина тешко. Играме против големиот фаворит за шампионскиот трон. Мора да го сопреме Ето доколку сакаме да се пласираме во 1/2 финалето.
Неговиот колега од спротивната страна, Аква, исто така потврди дека нема ништо сомнително во конечниот резултат.
– Исто како во националните куп – натпреварувања. На тие натпревари шанса добиваат фудбалерите кои имаат помала минутажа. Големите ѕвезди добиваат заслужен одмор. Иста ситуација, силата мора да се чува за следниот противник, актуелниот шампион, Египет. Изненадувањето е составен дел од оваа игра. Се надевам дека ние ќе го приредиме најголемиот шок на ова натпреварување.
Резултати – 3. коло: Сенегал – Јужна Африка 1:1 (Камара 37′ – Херден 14′), Тунис – Ангола 0:0.
ТАБЕЛА – ГРУПА Д: Тунис 5 бода, Ангола 5, Сенегал 2, Јужна Африка 2 бода.