По обвинувањата за тешките услови во кои работат вработените во погонот “Ладна валалница” што е дел од “Митал стил”, каде веќе трет ден има штрајк, вчера инспектори од државниот трудов инспекторат влегоа во контрола на објектот. Од Инспекторатот велат дека станува збор за голем објект за кој ќе бидат потребни неколку денови да се направи увид дали целосно се почитуваат правата од работен однос. Од синдикатот завчера обвинија дека на местото на штрајкувачите, во погонот се носат необучени лица од улица да го продолжат производствениот процес. – Резултатите од контролата ќе се знаат најдоцна до понеделник. Засега можам да потврдам оти не се точни обвинувањата дека крановите во фабриката ги управуваат неквалификувани лица. Инспекторите утврдиле дека на тие места сепак работат обучени лица – вели Насер Амети, директор на Државниот инспекторат за труд. Меѓутоа, претседателот на штрајкувачкиот одбор и на синдикатот на “Ладна валалница”, Зоран Јовановиќ го тврди спротивното. Тој вели дека кога инспекторите влегле во погонот, донесените работници од надвор веќе биле скриени. – Ние ја викнавме инспекцијата, а не ни беше дозволено да им покажеме на инспекторите во какви услови работиме на плус 70 степени и без никаква заштита. Ова е црна металургија и секојдневно има повредувања на работното место. Штрајкуваат сите што работат во погонот, освен административците кои се во удобни фотелји, опкружени со климатизари – вели синдикалецот Јовановиќ.


Андреја Серафимовски