Во Градскиот трговски центар три дуќани веќе ја сменија сопственоста и досегашните закупци, кои на АД ГТЦ му плаќаа кирија, сега станаа нивни газди. Тоа се првите кои побрзаа веднаш, штом се распиша тендерот за продажба на дуќаните да го уплатат авансот од 15 отсто, за потоа и да склучат купопродажни договори и да ја уплатат целата сума утврдена за нивните локали. Бидејќи од 149 дуќанџии кои имаат подигнато понуди за откуп, речиси 80 отсто ги имаат уплатено авансите, надлежните во ГТЦ се надеваат дека таа интенција ќе продолжи и понатаму. Рокот за уплата на авансите истекува денес, но од ГТЦ најавуваат дека ако некој од сегашните закупци побара уште ден – два за да ги уплати бараните средства, ќе му биде излезено во пресрет. На сите оние што веќе го уплатиле авансот им тече рокот од 60 дена за уплата на целата сума. Деновиве се очекува на продажба да бидат дадени и 68 магацини со вкупна површина од 5.592 квадратени метри, од кои се очекува да бидат инкасирани приближно околу три милиони евра. И овој простор првенствено ќе им биде понуден на сегашните закупуци, кои ќе имаат можност да го откупат со попуст од 10 проценти. Сето она што нема да биде продадено на закупците потоа ќе оди на продажба по пат на лицитација. (З.П.)