Војниците на Индија и Пакистан на границата разменија артилериски оган во кој животот го загубија најмалку тројца војници – еден од Индија и двајца од Пакистан, пренесува „Спутник“.

Извори на „Спутник“ велат дека пукањето започнало во секторите Тангард, Керан и Сандербани долж Линијата на контрола во проблематичниот регион Кашмир и дека се уште трае.

Утрово локалните медиуми објавија дека полицијата барала од локалното население да се премести кон побезбедните области. Сите продавници, бизниси и училишта веднаш беа затворени.

Претходно во понеделникот, пакистанското МНР по втор пат во една недела го повика индискиот заменик-комесар Гаурав Ахлувалија и протестираше против непрровоцираните прекршувања на прекинот на огнот од страна на индиските вооружени сили по должината на Линијата на контрола.

Пакистан тврди дека во размената на огнот загинало едно лице, а повредени се тројца други. Индија, од своја страна, тврди дека во артилерискиот оган од Пакистан било убиено новороденче старо десет дена.

извор: Makfax