Тројца заболени од Ковид-19 има во општина Гевгелија, а на подрачјето што го покрива Подрачната единица на Центарот за јавно здравје има вкупно осум активни случаи од кои тројца во општина Дојран и двајца во општина Богданци, соопштија од Општата болница во Гевгелија.

– Ситуацијата во југоисточниот регион е стабилна. До овој момент одлично се справивме со оваа криза. Направивме 650 тестирања кои ни помогнаа на време да ги нотираме носителите на вирусот, да ги изолираме нивните контакти и да не дозволиме да се зголеми бројот на инфицирани граѓани, рече епидемиологот Сашко Олумчев.

Додаде дека во прилог на ова говори и фактот што од осумте активни случаеви во општините Гевгелија, Богданци и Дојран, дури седум се веќе во фаза на излекување, додека во самоизолација има 15 граѓани.