В недела, 15 јули, ќе се одржи првото издание на предизвикот на Шар Планина, „Шара челинџ“, со трки во трчање и велосипедизам од Тетово до Попова Шапка.

Во програмата на настанот застапени се трките во планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, како и пикник на целта на Попова Шапка, по завршувањето на трките на кој е предвидена музичка програма и церемонија на прогласување на победниците, на кој освен учесниците поканети се сите оние кои сакаат да бидат дел од еден ваков хепенинг во познатиот туристички центар.

Стартовите на трките се закажани во 9 часот на плоштадот во Тетово, а пријавувањето за учество е отворено преку веб-страницата www.prvdovrv.mk. За најдобрите е обезбеден паричен награден фонд во вкупен износ од 186.000 денари.

Трките претставуваат континуитет на веќе добро познатите натпревари Прв до врв на Водно во Скопје, но овој пат со поголем предизвик во целите кои ќе преба да ги совладаат учесниците, во поглед на должините на патеките и висинската разлика. Патеката за трчање е во должина од 10 километри и од Тетово минува покрај селата Гајре и Лисец до целта на Попова Шапка. Патеката за планински велосипеди е долга 20 километри и од Тетово минува покрај селата Шипковица и Лисец до целта на Попова Шапка, додека друмските велосипеди ќе возат по асфалтниот пат до целта. На сите три патеки ќе се совлада висинска разлика од околу 1200 метри.

Настанот го организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв во соработка со Општина Тетово и со поддршка на деловната и општествената заедница.

извор: Makfax