Мандат за состав на новата влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство со 61 пратеник во Собранието, изјави во средата вечерта претседателот на државата Ѓорге Иванов по консултациите со лидерите на политичките партии кои освоија мандати во Собранието на Република Македонија. На консултациите било разгледано и прашањето што ќе се случи доколку никој не може да формира влада.
“Од оние што ќе ја составуваат новата влада барам во својата програма да имаат два клучни приоритета: Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија#, рече претседателот Иванов.
Претседателот Иванов оствари средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на која се разговарало за актуелната политичка состојба во земјава, а претходно двочасовни консултации имаше и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Дојдов во Вила Водно за да го добијам мандатот, рече Заев, на што Иванов му одговорил ако СДСМ има 61 пратеник тогаш партијата ќе го добие мандатот.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети по средбата со Иванов рече дека сите опции за формирање Влада се отворени и клучот сега не е кај него, туку кај Иванов.

“Јас не сум клучот, клучот го префрлив кај претседателот. Каде претседателот ќе го однесе клучот… не знам. Треба заеднички да се ангажираме да ги изградиме институциите за да преземеме одговорност и да се соочиме со каква било криза која може да ни се случи во иднина#, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

За актуелната политичка состојба претседателот Иванов разговараше и со лидерите на движењето БЕСА и Алијансата на Албанците. Иако беа поканети, ДПА не се појавија на консултации.
Овие средби се на иницијатива на претседателот Иванов, отако истече 20- дневниот рок за составување парламентарно мнозинство и влада. Шефот на државата претходно се сретна и со претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски.

Нема никаква пречка мандатот да биде доделен на истиот мандатар ако обезбеди мнозинство

Доделувањето на мандатот за формирање на влада по втор пат на иста партија е легитимна одлука. Нема никаква правна или уставна пречка мандатот да биде доделен на истиот мандатар ако тој обезбеди мнозинство. Уставниот суд веќе има донесено пресуда дека во овој случај уставно право на претседателот на државата е повторно да го додели мандатот на истата партија.
Во 1992 година, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, преку координаторот Стефковски Томислав, му поднесе иницијатива на Уставниот суд на Република Македонија за поведување постапка за оценување уставноста на дејствието, затоа што претседателот на Република Македонија за мандатор определил кандидат од иста политичка партија која го искористила правото во уставно пропишаниот рок да предложи мандатор за состав на Владата на Република.
Од пресудата е видно дека по известувањето на СДСМ до претседателот, Глигоров повторно го дал мандатот на СДСМ и за тоа го известил Собранието на РМ, додека Уставниот суд ја отфрла иницијативата за уставност и кажува дека давањето на мандат за состав на Влада е дејствие на претседателот кое е негово уставно право и кое не подлежи на оценување на уставност.

– Се отфрла барањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија за оценување уставноста на дејствието односно актот бр. 08-15% од 16 август 1992 година на претседателот на Република Македонија со кој за мандатор за состав на Владата на Република Македонија се определува Бранко Црвенковски- пратеник во Собранието на РМ. Според мислењето на Судот, определувањето на мандатор за состав на Владата на Република Македонија е дејствие на Претседателот на Републиката во остварување на неговото уставно овластување со кое отпочнува постапка за избор на Владата. Поради тоа, Судот оцени дека ова дејствие, односно актот на Претседателот на Република Македонија за определување на мандатор за состав на Владата не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија. Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата.
Ова значи дека нема никаква пречка мандатот повторно да биде доделен на истиот мандатар ако обезбеди мнозинство и го извести за тоа шефот на државата. Топката за одлучување не е само кај лидерот на СДСМ, Зоран Заев, туку е и кај ВМРО-ДПМНЕ која може да формира мнозинство.