Три мешовити компании со странски и домашен капитал аплицираа на тендерот за приватните пензиски фондови во новиот реформиран пензиски систем. Вчера, јавно беа отворени понудите од кои првата е заедничка понуда на Комерцијална банка АД Скопје и Прва покојнинска дружба АД Љубљана- Словенија. Втората понуда е на Тутунска банка во партнерство со Нова љубљанска банка, додека третата е од Стопанска банка АД Скопје и Национална банка од Грција. Во согласност со правилата за спроведување на тендерот, кој беше објавен во јули годинава, Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување, во рок од 24 часа ќе објави листа на заинтересирани субјекти кои влегуваат во претквалификационата фаза со комплетна документација. Оценувањето на понудите треба да се изврши во текот на овој месец, а од нив на двете најповолни понуди во јануари ќе им се издаде лиценца и одобрение за управување со пензиски фонд. Тендерската документација заклучно со 20 септември ја подигнаа шест правни субјекти, но половина од нив се откажаа. Со предвидената динамика, новиот пензиски систем во практиката ќе стартува кон средината на наредната година. Со него задолжително ќе бидат опфатени сите нововработени по 1 јануари 2003 година, додека останатите ќе имаат право на избор.


РИСТЕ НЕДАНОВСКИ