Владата се уште нема решено како ќе го продава “Електростопанство на Македонија” – дали во пакет или на делови. Ако првично беше на став дека треба да се продава целото претпријатие, сега имало уште две варијанти и тоа од продажбата да се изземат хидроцентралите или да се продава само дистрибуцијата. Конечна одлука ќе била донесена идниот четврток, кога ќе се одржи нова владина седница, по што и ќе се знае дали ова “размислување” беше со сериозна намера. Истовремено, тоа ќе значи и пролонгирање на распишувањето на тендерот, што според утврдените тајминзи требаше да се случи до крајот на месецов Претходно, таа имаше решено дека ќе ја продава целата компанија, што значи производство (термоцентрали и хидроцентрали) и дистрибуцијата, бидејќи, како што беше објаснето од Владата, така ќе се постигнела најдобра цена и ќе сме добиеле најдобри ефекти. Сега, наводно размислува за сугестиите кои стигнаа од стручната јавност, како и за препораките од меѓународните финансиски институции, пред се од Светска банка. Во неколкуте трибини и јавни расправи кои беа организирани на тема “приватизација на ЕСМ” можеа да се слушнат сугестии дека со продажбата на целиот систем ќе добиеме само нов монопол и зголемени цени на струјата, а истовремено нема да имаме никакви гаранции дека новиот сопственик ќе инвестира во нови капацитети кои би обезбедиле супституција на оние количини на струја што ни недостасуваат. Светска банка, пак, беше и директна во препораките хидроцентралите, кои произведуваат најскапа и највредна електрична енергија, да се изземат од продажбата. Според Фатмир Бесими, министер за економија, работна група во Министерството ќе требе уште еднаш да ги разгледа предностите на секој од моделите по што Владата ќе донесе конечна одлука. Тогаш ќе реши и колкав пакет ќе продава, но тој сигурно ќе бил над 51 отсто.


Зденка ПАВКОВИЌ