x

Триумф од 1:0: Работнички не запира, му го расипа дебито на Таневски

Нова победа, нови три бода за Работнички кој оваа пролет не запира. Момците на стратегот Ратко Достаниќ попладнево, во рамките на 22.коло го победија составот на Академија Пандев со 1:0, и тоа со голот на Виктор Велковски во 56.минута и му ги расипаа дебито на новиот стратег на струмичани Александар Таневски. Во не толку квалитетен меч, домашните подобро се снајдоа на влажниот терен, постигнаа еден гол и дојдоа до котата од 10 бодови од можните 12 оваа пролет. Академија Пандев пак тоне ли тоне. Струмичани се во серија од 11 натпревари без победа во домашниот шампионат.

МИРНО ПРВО ПОЛУВРЕМЕ

Првиот дел мина во едно крајно неатрактивно, можеби борбено, но сепак без полови. На моменти и досадно, едноставно без ризик. Кај Работнички се заканија Петковски и Ѓорѓевиќ, а на другата страна опасноста пред Дориев, домашниот голман Шишковски прекрасно ја одстрани. Па така на пауза се замина со оној најнепопуларниот резултат, 0:0.

ВЕЛКОВСКИ ГИ ТРЕСЕ „ПАНДЕВЦИ“

За разлика од првиот дел, во вториот почна многу подобро. Гостите имаа добра шанса преку Дориев во таа 51. минута, но шутираше над голот.Две минути подоцна Херера не го одмери најдобро својот лоб – удар кон гостинскиот гол. И тогаш во 56.минута гол на Арената. Херера нафрли од слободен удар, та атопка долго патуваше, гостинската одбрана „заспа“ а Велковски сам од 5-6 метри шутираше и погоди за 1:0. Во 79. минута по центаршутот на Пандев, Стојкоски беше во идеална ситуација, но го утна празниот гол.

И тоа беше тоа од овој натпревар, домашниот тим до крајот умешно го сочува своето водство.

РАБОТНИЧКИ – А. ПАНДЕВ 1:0 (0:0)

Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Јован Качевски (Струга). Стрелци: Велковски 56. (РАБ). Ж. Картони: Херера, Шаркоски (РАБ), Димов, Миловановиќ, Цикарски, Дориев (А.ПАН).

РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Велковски, Ѓорѓевиќ, Петковски (80. Јаник Дао), Јевтоски, Д. Тошевски, Силјановски, Херера, Крстовски (72. М. Тошевски), Пецов, Аломеровиќ  (64. Шаркоски).

А. ПАНДЕВ: Чубраковиќ, Јованов, Димов, Стоилов, Миловановиќ (77. Мујеци), Цикарски,Дориев, Томовски (85. Велиновски), Стојкоски, Танушев (67. Пандев), Гранчов.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата