Најдобриот македонски коњички клуб “Тристар” од Скопје, викендов го организираше првиот “АТМ Куп” во својот круг. Нашите најдобри јавачи се натпреваруваа во три дисциплини од отворен тип: првиот со височина на пречки од 90 сантиметри, вториот со височина од 1,05 до 1,10 метри и третиот од 1,15 до 1,20. Во прекрасна атмосфера, со завиден број на гледачи, според очекувањата, првите места ги освоија актуелните македонски шампиони Андреа Јовеска и Зоран Шапкалиевски. Јовеска, која е државна шампионка во категоријата деца и најуспешната јавачка за минатата година, со грлото “Сем” победи во првата дисциплина, пред З. Неделковски со “Волтер” (КК Грива) и А. Дукадиновски со “Гром” (ККС Илинден), додека Шапкалиевски, со “Надом” славеше во останатите две дисциплини. Наградите, кои ги обезбеди главниот спонзор, фирмата “Диро” д.о.о од Скопје, овластен сервис и увозник на Даеву Матиз автомобилите за Македонија, ги подели градоначалникот на Општината Ѓорче Петров, Сокол Митревски. Може да се заклучи дека поради убавината и атрактивноста на овој престижен спорт, тој предизвикува се поголем интерес во Македонија, а челниците на “Тристар” веќе најавија дека наредниот турнир во нивна организација, всушност ќе биде ноќно јавање. (С.Х.)