Михаел Шумахер од наредната сезона нема да биде дел од Формула 1 шампионатот. Својата одлука Германецот ја објави на прес-конференција по трката за Големата награда на Италија, откако во мошне убедливата трка успеа да го освои првото место.
– Го чекав вистинскиот момент да ја објавам одлуката за мојата иднина. Во договор со луѓето од Ферари, решив дека сега е вистинскиот момент да ја привршам мојата кариера, изјави Шумахер притоа не откривајќи го името на неговиот наследник, иако од Скудерија Ферари многу брзо се очекува да го објават името на Кими Раиконен.
За Шумахер 84-та победа во кариерата (1:14:51 час) е дотолку позначајна, ако се има предвид дека актуелниот шампион и лидер во генералниот пласман, Шпанецот Фернандо Алонзо не ја заврши трката, по што неговата предност од 12 е намалена на само два бода. До крајот на првенството преостанаа уште три трки.
На 10 кругови до крајот, моторот на Алонзо екплодира, уривајќи ги сите надежи на шпанскиот пилот за тешко освоеното трето место, иако поради супензија од страна на стујардите, тој трката ја започна од десеттата стартна позиција, поради наводното попречување на Фелипе Маса, за време на саботните квалификации.
Место на пиедесталот на трката во Монца обезбедија и Финецот Кими Раиконен од Мекларен Мерцедес и извонредниот Полјак Роберт Кубица од тимот на БМВ Заубер, кој во својот само трет настап во кариерата, успеа да застане во редот со најуспешните. Во редоследот до осмата позиција, бодови на легендарната Монца освоија уште и Италијанецот Џанкарло Физикела (Рено), Британецот Џенсон Батон (Хонда), неговиот клупски колега Бразилецот Рубенс Баричело, Италијанецот Јарно Трули (Тојота), додека на осмата позиција далеку послаб од тимскиот совозач од БМВ, заврши Германецот Ник Хајдфелд. Покрај Алонзо трката не ја завршија уште четири возачи.
Алонзо се уште води на табелата во генералниот пласман со 108 бодови, пред М. Шумахер со 106, додека Фелипе Маса, иако во Монца заврши на деветтата позиција, го сочува третото место со 62 бодови. Кај конструкторите Ферари го престигна Рено и сега предноста во корист на “црното кончеè е осум бода.