Може ли 27 Охридски пливачки маратон да го даде новиот светски маратонец? Претпоследната трка во гранпри серијата на ФИНА, по трасата од 30 километри од Свети Наум до пристаништето во Охрид, утре ќе даде одговор на многу прашања.

Томи Стефановски и Евгениј Поп Ацев го делат третото место во генералниот пласман и нивно добро претставување во водите на Охридското Езеро може да ги вивне во, за македонските маратонци, досега недопрени височини. Македонија по прв пат има двајца пливачи толку високо котирани во гранпри серијата. Поп Ацев две години е трет во светот. Дали можеби чудо ќе придонесе еден од нив двајцата да стане наследник на Бугаринот Петар Стојчев, кој го “монополизираше” Охридскиот маратон со 11 победи.

Конкуренцијата им е неверојатно силна. Се она што вреди во светот на маратонското пливање. Вкупно 19 пливачи и 11 пливачки. Секако најголеми конкуренти се аргентинецот Дамијан Блаум и Италијанецот Симоне Ерколи, првите двајца на ранг-листата. Првиот со вкупно 55 бода, а вториот само со бод предност пред 43 поени на Томи и Евгени.

Македонија на најголемата пливачка манифестација годинава ќе ја претставуваат и Александар Панчевски и Александар Илиевски. Како и претходните неколку сезони и годинава немаме претставник во женска конкуренција.