Третиот по ред албум на тандемот Стефановски – Тадиќ “Трета Мајка” и понатаму и со несмален интензитет ги ниже симпатиите на почитувачите на нивната музика. Имено, минатата недела албумот е прогласен за албум на неделата на веб-страницата www.allaboutjazz.com, каде во одличната критика, посветена на третото по ред чедо на овие одлични музичари, меѓу другото е напишано дека и покрај различните приоѓања кон гитарската изведба, двајцата уметници овојпат направиле навистина единствен материјал. “Трета Мајка” спореден со првиот заеднички проект “Крушево”, како што е напишано во критиката, класичното ремек дело со кое всушност пред седум години започна плодната соработка меѓу македонскиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски и американско-српскиот гитар-мајстор Мирослав Тадиќ, е работен во сличен амбиент, но со помалку електроника. Нумерите покажуваат дека се работи за албум со одлична музика во која е внесена душа и, што е најважно, постои соединување меѓу изведувачите и музиката.