ТРАСАТА НА АМБО НЕМА ДА СЕ МЕНУВА
Нема корекции на проектот АМБО. Трасата на идниот нафтовод останува конечна и непроменлива. Ова го тврди еден од креаторите на овој балкански проект, Глигор Ташковиќ, потпретседател на АМБО, кој до нашата редакција ја достави мапата според која трасата на идниот нафтовод поминува низ централна Македонија. Со ова, Ташковиќ ги демантира наводите на ВМРО-Народна партија, која минатата недела ја обвини владејачката ДУИ дека заговара промена на трасата на АМБО, односно Западна Македонија да биде центарот на нафтоводот.
ВМРО-НП го повика премиерот Владо Бучковски да остане доследен и да не подлегнува на притисоците на ДУИ, односно да остане веќе договорената траса на АМБО што лани ја усвои Владата, а таа е нафтоводот да минува низ централниот дел на Македонија: Деве Баир – Крива Паланка – Свети Николе – Велес – Богомила – Крушево – Сопотница – Ботун – Лакаица – граница со Р. Албанија.
Екологистите неодамна предупредија дека трасата на АМБО ако минува покрај обиколниот автопат на Скопје и низ Полог, нафтоводот ќе допре до првата и втората заштитна зона на изворот Рашче, од каде со вода се снабдува речиси цело Скопје. За нив е неприфатливо нафтоводот да минува и низ Полошката котлина која е густо населена, со густа патна и железничка инфраструктура, а и ќе мора да се врши експропријација на обработливо земјиште од прва категорија. Екологистите лани не дозволија АМБО да минува близу до Охридското Езеро.
Ако, пак, корекцијата на трасата се направи под притисок на ДУИ, не само што би биле потребни дополнителни средства и би се одложила изградбата, туку и бенифитите од нафтоводот би биле ги почуствувале само Западна Македонија, сметаат од ВМРО -НП. (С. Бл.)