x

ТРАНСФЕР ПАЗАР 2020: Мбапе најскап, Стерлинг вреди колку и Нејмар, паѓа цената на Меси…

Добро познатиот веб-сајт „Transfermarkt“ кој е своевиден репер за моменталната вредност на фудбалерите ширум светот, на глобално ниво, двапати годишно (во јуни, на крајот на европската сезона и во декември пред зимската пауза) прави редовно ажурирање на вредноста на секој фудбалер поединечно.

Се разбира, евалуацијата на „Transfermarkt“ не е крајна вистина, како што понекогаш се обидуваат да ја престават, но нивните фудбалски проценки за вредноста на фудбалерите се прилично блиски до реалната сума која некој клуб во моментов би ја побарал за свој фудбалер. Секогаш треба да запомните дека цената на играчите и висината на трансферите се утврдени само од две договорни страни – продавачот и купувачот. Како што одлучуваат тие, таа е вредноста на фудбалерот.

Сепак, последното ажурирање на податоците на „Transfermarkt“ дава нов интересен поглед на ТОП 10 листата на најскапи фудбалери во светот.

Така, Мбапе и овој декември oстана најскапиот играч на светот. Цената на 21-годишниот напаѓач остана иста – 200 милиони евра. Промената овој декември дојде на 2. место, каде се смести Рахим Стерлинг од Манчестер С. кој за првпат се искачи на втората позиција. Напредокот на 25-годишниот Англичанец е за сума од 20 милиони евра, откако „Transfermarkt“ во јуни го процени на 140 милиони евра, а, на пример, пред година и пол – на само 90 милиони. Изненадувачки е падот на Нејмар, кој од 180 милиони евра, сега според страницата не вреди повеќе од 160 милиони евра.

Во првите 10, има и едно ново име – Џејдон Санчо. И ова не е големо изненадување. Сезоната 2018/19 година за Англичанецот мина на највисоко ниво. Зголемувањето на цената од 20 милиони во август 2018 година на 100 милиони во јуни 2019 година беше апсолутно логична. Но, оваа есен имаше проблеми и со играта и со дисциплината. Сепак неговата цена повторно скокна, сега за нови 20 милиони.

Од оние легендите на оваа листа, 32-годишниот Меси сега е проценет на 140 милиони евра, што е „поевтинување“ за нови 10 милиони евра, а до летото цената веројатно ќе му падне за уште толку и ќе испадне од ТОП 10 најскапи фудбалери. Кристијано Роналдо одамна не е таму. Португалецот е на 45-тото место со вредност од 75 милиони евра, иако во текот на летото цената му беше 90 милиони.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата